02/08/2026
ФИТ КИД ТЕТОВО ПО ВТОРПАТ НА ЕЛИТНИОТ КАМП ВО БЕЛГРАД: МЛАДИТЕ ТАЛЕНТИ ДОСТОЈНО ГО ПРЕТСТАВУВААТ ТЕТОВСКИОТ ФУДБАЛ
Фудбалската школа „Фит Кид“ од Тетово по вторпат е дел од престижниот меѓународен спортски камп за млади до 15 години во Белград, каде што годинава учествува со десет од најталентираните млади фудбалери од своите редови.Нашите десет млади фудбалери се единствените претставници од фудбалот на овој престижен камп, кој покрај фудбалот обединува и млади спортисти од одбојката, кошарката, тенисот и ракометот, претставувајќи вистински спортски собир на таленти од регионот и пошироко низ континентите.
Повторната покана претставува признание за квалитетната работа, континуираниот развој и сериозниот пристап што клубот го негува во работата со младите категории.
Денешниот тренажен процес повторно беше реализиран на стадионот на ФК Партизан, на помошниот терен „Милутин Шошкиќ“, еден од најпознатите спортски комплекси во српската престолнина. Во професионална атмосфера и во одлични услови за работа, младите фудбалери од Тетово успешно го одработија првиот тренинг на кампот.
Под раководство на тренерот Милош, кој е редовен член на стручниот штаб на ФК Звездара од Белград, учесниците работеа на техничко-тактичките елементи, координацијата и современите методи на тренажен процес, кои се применуваат во младинскиот фудбал.
Особено значајно е што сите десет учесници од „Фит Кид“ по вторпат добија директна покана за учество на овој камп, што претставува потврда за нивниот талент, дисциплина и спортски карактер. Нивното присуство меѓу најдобрите млади фудбалери од регионот е уште еден доказ дека во Тетово се создаваат генерации со голем потенцијал и светла спортска иднина.
Раководството на школата истакнува дека ваквите кампови претставуваат непроценливо искуство за младите спортисти, кои преку натпревари, тренинзи и дружење со врсници од различни земји стекнуваат нови знаења, пријателства и дополнителна мотивација за понатамошен напредок.
Фудбалската школа „Фит Кид“ и понатаму останува посветена на својата мисија – создавање здрави личности, квалитетни спортисти и идни фудбалски амбасадори на Тетово и Македонија.
📸 Фото-галерија од првиот тренинг во Белград.
#ФитКидТетово #Белград2026 #ФудбалскиКамп #Партизан #МилутинШошкиќ #Звездара #МладиТаланти #Фудбал #Тетово #Македонија