12/07/2026
СООПШТЕНИЕ ОД УПРАВАТА НА РК АСТИБО
Почитувани навивачи, пријатели и партнери на РК Астибо,
Управата на Ракометниот клуб Астибо ја известува јавноста дека во претстојната сезона клубот нема да настапува во Супер женската лига на Македонија, туку ќе продолжи со натпреварување во Првата женска лига.
Оваа одлука е донесена првенствено поради финансиски причини. Учеството во Супер женската лигата бара финансиски средства кои во моментов го надминуваат реалниот буџет на клубот, поради што натамошниот настап на ова ниво моментално не е реално остварлив.
Управата на РК Астибо сака да упати огромна благодарност до Општина Штип, која покрај финансиската поддршка, обезбедува и услови за тренирање, вклучително и сала за тренирање и натпреварување на нашиот тим.
Посебна благодарност упатуваме и до Министерството за спорт на Република Македонија, за обезбедените финансиски средства кои значително придонесуваат за работата и функционирањето на клубот.
РК Астибо располага со млада и квалитетна генерација ракометарки, кои минатата сезона 2025/2026 го освоија второто место во пионерска конкуренција. Настапот во Првата лига претставува одлична можност токму на овие млади пионерки да им се укаже доверба и минути на игра, а составот на тимот во голем дел ќе се потпира на играчки израснати во сопствената школа на клубот.
Со почит,
Управата на РК Астибо