21/07/2026
По завршувањето на Ибер Купот во Барселона 🇪🇸, своето видување за турнирот го сподели тренерот на генерацијата 2013, Горан Велков:
Понекогаш се потребни неколку дена за да слегнат емоциите и човек вистински да стане свесен што сме доживеале.
По враќањето од Iber Cup Barcelona, размислував многу за секој натпревар и за секој момент поминат со овие деца. И колку повеќе размислував, толку повеќе сум убеден дека најголемата победа што ја остваривме не е само пласманот во финалето.
Како тренер, најмногу ме радува тоа што видов тим кој растеше од натпревар во натпревар. Видов деца кои не се плашеа да се надигруваат со врвни европски екипи, кои се бореа еден за друг, кои покажаа карактер кога беше најтешко и кои ниту еден момент не престанаа да веруваат во себе.
Секој од нив го даде својот максимум и токму затоа сум неизмерно горд. Не затоа што освоивме сребрен медал, туку затоа што достоинствено ги бранеа боите на EUROSPORT Kumanovo и Македонија.
Овој турнир ни покажа каде сме, но уште поважно – ни покажа каде можеме да стигнеме. За мене како тренер, ова е инспирација и само почеток на една уште поголема фудбалска приказна. Сигурен сум дека искуството стекнато на Iber Cup Barcelona ќе нè направи посилни, похрабри, поистрајни и уште помотивирани да работиме, да учиме и секој ден да бидеме подобри од вчера.
Фудбалот е игра во која никогаш не престануваш да учиш. Секоја победа носи самодоверба, секој пораз носи лекција, а само тие што се подготвени да учат, да се надградуваат и да работат без престан можат да стигнат до големи работи.
Посебна благодарност до нашиот претседател – Александар Маневски, човек со голема визија, огромна енергија и искрена желба за напредок на EUROSPORT Kumanovo и развој на македонскиот фудбал во меѓународни рамки. Благодарение на неговата поддршка, труд и посветеност, овие деца добија можност да бидат дел од Iber Cup Barcelona, еден од најпрестижните младински фудбалски турнири во светот. Ваквите искуства се непроценливи за нивниот развој и сигурен сум дека ќе им бидат голема мотивација во иднина.
Голема благодарност и до сите родители кои беа со нас во Барселона. Вашата енергија, навивање и безрезервна поддршка од трибините беа дополнителен мотив за децата во секој натпревар. Бевте нашиот ветер во грб кога беше најпотребно.
А огромно благодарам и до сите вас кои останавте во Македонија, но со срцето бевте заедно со нас. Знам дека од минута во минута ги следевте резултатите, ги чекавте нашите пораки и верувам дека секој натпревар го доживувавте подеднакво стресно како и ние покрај теренот. Вашата поддршка навистина се чувствуваше и ни значеше многу.
А до моите момци имам само една порака…
Продолжете да бидете скромни, дисциплинирани и гладни за успех! Продолжете да сонувате големи соништа, но уште повеќе, продолжете напорно да работите за нив.
Запомнете, талентот е само почеток. Карактерот, трудот, дисциплината и љубовта кон фудбалот се тие што создаваат големи играчи.
♥️💛Горд сум што сум ваш тренер! ❤️💛