22/07/2026
79 години Спортско друштво Вардар и Атлетски клуб „Вардар“ – Скопје ❤️🖤
На 22 јули 1947 година, како дел од Спортското друштво Вардар, е основан и Атлетскиот клуб Вардар.
Сè започнува во јуни 1947 година, кога по повеќемесечни консултации меѓу раководните фактори на град Скопје се доаѓа до заклучок дека на главниот град му е потребно едно силно спортско друштво кое ќе го развива масовниот и квалитетниот спорт.
По постигнатиот договор со раководствата на тогашните спортски друштва МСД „Македонија“ и ЖСД „Победа“, на 22 јули 1947 година, во преполната сала на кино „Вардар“, со нивното обединување започнува да живее и работи Спортското друштво Вардар.
За прв претседател е избран Димче Беловски, тогашен претседател на Народната младина на Македонија. Потпретседатели се Ѓорги Икономов, Страхил Трајковски и Александар Мартиновски – Стипе, а генерален секретар е Влајко Јосифовски.
При формирањето на Спортското друштво Вардар, седум спорта ги поставуваат неговите темели. Најмногубројни се фудбалот со 93 члена и велосипедизмот со 90 члена, следуваат кошарката со 60, одбојката со 54, гимнастиката со 52, атлетиката со 46 и пинг-понгот со 18 активни членови.
Историјата на боите на Спортското друштво Вардар е многу интересна, бидејќи тие се менувале трипати:
1. Сино-бела (јули 1947)
Кога било основано Спортското друштво Вардар на 22 јули 1947 година, на Основачкото собрание било одлучено официјалните бои на друштвото да бидат сина и бела. Истите бои ги имало и знамето на СД Вардар.
2. Црвено-бела (1947–1963)
Само кратко време по основањето, на следното собрание е донесена нова одлука боите на СД Вардар да се променат во црвена и бела. Овие бои ги носеле сите клубови во рамките на спортското друштво, вклучувајќи ги фудбалскиот, атлетскиот, кошаркарскиот и останатите секции. Црвено-белата комбинација останала официјална околу 17 години.
3. Црвено-црна (од 1963 до денес)
По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, Собранието на СД Вардар донело одлука новите клупски бои да бидат црвена и црна.
Денес, со гордост се сеќаваме на сите атлетичари кои го носеле дресот на АК Вардар, на сите тренери, спортски работници, поддржувачи и пријатели кои низ годините оставиле дел од себе во клубот.
Следната година ќе одбележиме 80 години од основањето на АК Вардар – осум децении традиција, посветеност и љубов кон атлетиката.
АК Вардар претставува едно од најзначајните имиња во историјата на македонската атлетика. Основан со визија да создава врвни спортисти и да го унапредува атлетскиот спорт во земјата, клубот низ децениите се изгради во симбол на успех, дисциплина и непоколеблив спортски дух.
Преку систематска работа, стручна подготовка и исклучителна посветеност, АК Вардар создаде генерации атлетичари кои не само што доминираа на домашната сцена, туку поставија и државни рекорди што и денес опстојуваат.
Овие рекорди не се само бројки. Тие се сведоштво за традицијата, квалитетот и големината на клубот. Зад секој резултат стојат години напорна работа, пожртвуваност и љубов кон атлетиката.
Актуелни државни рекорди на АК Вардар
Сениори
Илија Манолев – диск (2 кг) —
50.62 м (26.04.1997, Охрид)
Трпе Мартиновски – 2.000 м стипл — 6:47.92 (1983, Марибор) – воедно и младински рекорд
Ристе Павлов – 1.500 м стипл — 4:20.3 (10.07.1967, Скопје)
Вељко Браевиќ – 200 м пречки — 27.4 (1966, Скопје)
Лазо Милошевски – 300 м — 33.7 (1950, Марибор)
Младинци (под 20 години)
Сокол Сачевски – 400 м — 48.5 (31.05.1980, Скопје)
Бранко Стојановски – трискок — 14.62 м (14.07.1971, Атина)
Штафета 4×400 м — 3:30.0 (1967, Скопје)
Сокол Сачевски – 60 м — 6.8 (1980, Скопје)
Штафета 4×100 м (Карер, Терзиев, Паневски, Тасевски) — 43.5 (1968, Скопје)
Млади младинци (под 18 години)
Сокол Сачевски – 100 м — 10.7 (1978, Скопје)
Сокол Сачевски – 60 м — 6.9 (1978, Скопје)
Пионери (под 16 години)
Бранко Стојановски – трискок — 15.16 м (18.02.1974, Софија)
Младинки (под 20 години)
Елизабета Павловска – седмобој — 4.574 бода (01.07.1990, Љубљана)
Лила Петрушевска – копје — 43.98 м (02.06.1985, Скопје)