20/09/2024
Почитувани,
со огромно жалење ве известуваме дека вчера, на ден 19.09.2024, на 89 години почина Борче Илиевски. Упатуваме сочувство до најблиските, а до нашиот почесен претседател длабок поклон и благодарност. До последно со жар и младешки ентузијазам играше и анализираше партии со нашите младинци.
Кратка биографија:
Роден е во 1935 година во битолското село Ѓавато. Шах научил да игра на 11 години, а попосветено продолжува на 15 години, кога се зачленува во ШК Стево Патако и истата година го освојува третото место на првенството на Битола. Една година подоцна, во 1951 година, завршува како трет на младинското првенство на Македонија со што го најавува својот пробив во шаховската елита. Од 1952 до 1957 година титулата првак на Битола оди во негови раце, сѐ додека неговиот помлад брат ИМ Димче Илиевски не го превземе приматот прв шахист на Битола. Во 1956 година, како засилување на клубот Студент, учествува на екипното првенство на Југославија во Опатија каде постигнува одличен резултат со 5.5/7 поени. Шеесеттите години од минатиот век се забележани како расцутот на шахот во Битола. Илиевски станува сениорски шаховски првак на Македонија во 1964 година со резултат 12.5/15, а Стево Патако ја освојува титулата во екипна конкуренција над фаворизираниот Студент. Овие резултати му го отвораат патот за учество на поединечното првенство на Југославија во Нови Сад, следната година. На тој турнир за половина бод му „бега“ титулата ФИДЕ мајстор. Следи можеби најголемиот успех кој ја разбранува јавноста во Југославија и пошироко. На првата „Средба на солидарноста“ одржана во 1967 година, ждребот како жртва во првата рунда го намести да игра со тогашната ѕвезда во подем, Боби Фишер. За изненадување на сите, после 33 потези Фишер му нуди реми на Илиевски (линк од партијата во коментар). Да не заборавиме дека за 5 години, со победата над Спаски во Рејкјавик, Фишер ја освојува титулата светски шампион. Во 1968 година после првенството на Македонија на кое завршува како второпласиран, поради работни обврски наместо да заплови во професионални води го намалува интензитетот на работа на шахот. И покрај тоа на следните републички првенства бележи одлични резултати со второ место во 1971 и делба на 3-то до 5-то место во 1972 година. Во целиот овој период, неговиот матичен клуб Стево Патако освојува 3 први места на екипните првенства на Македонија и 4 пати го освојува Купот на Македонија. На мајсторскиот турнир во 1981 под сомнителни околности не му е верифицирана титулата ФИДЕ мајстор иако со освоеното 3 место и со еден поен повеќе ја надминува нормата. Со сето ова Борче Илиевски остави голема трага во битолскиот и македонскиот шах.
Неговата најпозната и веќе легендарна мисла која ја кажа при примањето на признанието за животно дело на Изборот на спортист на Битола во 2019 година е:
„Ако сакаш да бидиш среќен еден ден - напиј се. Ако сакаш да бидиш среќен еден месец - ожени се. Ако сакаш да бидиш среќен цел живот - играј шах.“